ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Верските собири, политиката и коронавирусот – тема во „Стадион“ на „Канал 77“: Кој е помоќен – државата или верските заедници?

today06/06/2020 11

Background

Додека десетици илјади луѓе во четвртокот слободно излегоа од Скопје, а и неколкуте други градови што се во 80-часовен полициски час, Владата го навлече револтот на православните верници поради забраната за посета на гробиштата на Задушница. Проблемот со верските празници и мерките против коронавирусот почна уште со карантинот за Велигден, па со струшката литија, потоа со отворањето на џамиите од страна на ИВЗ, Рамазан Бајрам… Иако доскорешниот реис Сулејман Реџепи го прогласи коронавирусот за „умрен“, Македонија во последните денови урива свои рекорди според бројот на новозарезени, кога коронавирусот на Балканот речиси целосно се смири. Дел од таквата состојба веројатно се должи и на верските собири.

На таа тема беше посветен денешниот „Стадион“ на „Канал 77“. Во рамките на емисијата беше емитуван прилогот на новинарката Весна Коловска:„Кој е помоќен – државата или верските заедници?“.

– Испаднаа сериозен проблем верските собири. Верските заедници ги менаџираа лошо, па имаат голема одговорност за тоа што се случува. На верски план, кај нас се’ фукнционира врз принципот на врзани садови што оди и до апсурд. Ако една верска заедница ги крши ограничувањата и придонесува да се шири вирусот, тоа сака да го направи и другата само за да не се чувствува подредена, иако сега тоа се плаќа со заразени и починати верници. Верските заедници, и МПЦ-ОА и ИВЗ, мораше да бидат многу, многу поодговорни. Сето ова го наметнува впечатокот дека тие се покажуваат како помоќни од државата“, истакна новинарот и познавач на таа проблематика, Бранко Ѓоргевски.

Тетовскиот муфтија Ќани Несими рече дека ИВЗ ги почитува мерките, надлежните повеќе внимание требало да им посветуваат на пазарите, маркетите и големите ресторани, а не на верските објекти, без разлика на која религија и’ припаѓаат, бидејќи тие биле многу повнимателни и поодговорни.

– Зборвоите на поранешниот реис дека коронавирусот е мртов беа кажани по Бајрам-намазот и ифтарите, па тие немаа никакво влијание. Ние сме многу одговорни во поглед на заштитата од коронавирусот. Мора секоја џамија да се дезинфецира пред и по намазот. Се одржува растојание меѓу верниците. Сите носат маски, не е дозволено групирање пред џамиите… Ги почитуваме мерките на надлежните органи во врска со вирусот – нагласи муфтијата Несими.

Митрополитот Преспанско-пелагониски Петар, прашан од водителот Столе Наумов за дисонантните изјави меѓу великодостојници на МПЦ-ОА, како последните на Тимотеј, неговата и на Агатангел, рече дека проблемот не е во црквата туку во надлежните државни органи.

– Треба да имаме средби и консултации за договор. Така ќе беше се’ во ред. А не со селективно однесување, поинакво за едни верски заедници, поинакво за МПЦ-ОА. Политичарите не’ делат и како верски заедници и внатре во црквите. Не треба да има поделби ни по национална, ни по верска, социјална, партиско-политичка припадност. Така многу поефикано ќе се почитуваа и мерките против вирусот. Ние гледавме различни аршини. Случајот со директорката на Клиниката за кожни болести, со Куманово… – истакна владиката Петар.

Во емисијата учество зедоа и Аександар Кржаловски од МЦМС и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

Кржаловски информираше за истражувањето што неодамна го спровеле во врска со ставовите на граѓаните за коронавирусот. Кај жените, 82 отсто од анкетираните имале страв од ситуацијата и од можно заболување, кај мажите – 62, а Македонците биле позагрижени (75 отсто) од Албанците (56 отсто).

Градоначалникот на Дојран рече дека Дојран бил полн со гости од Скопје, па и од другите градови што се опфатени со мерката за осумдесетчасовна забрана на движење. Осумдесет отсто од капацитетите во градот биле исполнети. Нагласи дека, по првичната најава оти ќе се бара помош од полицијата, па и од војската, за да се натераат гостите да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, сега состојбата се нормализирала, а на терен биле комунални редари кои најљубезно и најучтиво ги замолувале гостите да ги почитуваат мерките, а делеле и заштитни маски.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%