ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Дали самостојноста на инспекторите може да биде злоупотребена, да доведе до корупција и да заврши на суд?!

today09/04/2020 8

Background

Инспекцискиот надзор е една од областите, во кој се проценува ризик од корупција. Постојната правна рамка и институционалните капацитети наметнуваат целосно самостојно дејствување на инспекторите, без системска и редовна контрола на нивната работа. Затоа, интегритетот на инспекторите е клучен фактор дали ќе се случи корупција или не. Самостојното дејствување на инспекторите доведувакон ризик за несовесно работење, што беше и докажано со судски пресуди. Илустративен е случајот од октомври 2015 година, кога Министертсвото за ватрешни работи спроведе акција во рамките на Оперативната обработка „Зелено“ до Основното јавно обвинителство  – Скопје и поднесе кривични пријави за злоупотреба на службената положба и примање поткуп против 16 лица. Од нив седум службени лица се вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина, како и деветмина сопственици, управители или овластени лица во компании.

Според полициска истрага, државните службеници вршеле „редовни инспекциски контроли и притоа во записниците од извршената контрола им внесувале лажни податоци, односно податоци кои не соодвестувале со состојбата на лице место со цел да не бидат казнети, а да бидат фаворизирани пред други правни субјекти, по што продолжувале противправно да објавуваат дејсност, а за сметка на тоа се стекнувале со противправна имотна корист“,детали од истратасоопшти Иво Котевски, тогашен портпарол на МВР. (15.10.2015 прес конфенерција напортпаролот Котевски).

МВР до Основното јавно обвинителство  – Скопје поднесе кривична пријава против вкупно 16 лица, осомничени за „злоупотреба на службената положба и овластување“, „примање поткуп“ и „давање поткуп“. Меѓу пријавените беа службени лица вработени во Министерството за животна средина и Државниот инспекторат за животна средина, како и сопственици, управители или овластени лица во компании.

-По анализа на прибраните докази и утврдување на фактичката состојба, надлежниот јавен обвинител донесе решение за отфрлање на кривичната пријава против деветмина од пријавените. Против останатите седум, како и против уште едно лице кое подоцна произлезе во текот на истражната постапка, беше поведена постапка пред надлежен суд. За четворица обвинети е донесена правосилна судска пресуда, додека за четворица судската постапка се уште е во тек“, одговорија на нашето прашање од Основното јавно обвинителство – Скопје.
Четворица од обвинетите се тогашниот директор на Управата за заштита на животната средина и тројца државни службеници, задолжени за издавање на дозволи за извоз на отпад, актуелни вработени во  Министерството за животна средина.
Овој јавно експониран предмет се однесувува на работата на седумина од пријавените, кои во својство на службени лица, вработени во Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат и Управата за животна средина, во текот на 2014 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување на одредени правни или физички лица од повеќе градови во Македонија, баратели на дозволи или потврди за вршење дејност увоз на стоки под режим на ограничен увоз, се сомничеа дека им овозможиле противправно да се стекнат со истите и покрај тоа што не поседуваат целокупна документација. Овие дозволи се издаваат од страна на Министертсвото за животна средина и просторно планирање.Истрагата се обиде да докаже дека на ист начин, компаниите се обидувале да издејствуваат и скусување на законски предвидените рокови потребни за издавање на одреден вид на дозволи за увоз, како и да вршат притисок врз точно посочените Управувачи со отпад ,чии сопственици и управители се дел од пријавените, а кои пак се во блиски релации со службените лица.

Еден од обвинетите како државен службеник во Управата за животна средина, ги прифаќал електронскте апликации за добивање на дозволи на стоки што се увезуваат и извезуваат под ознака Д4 преку веб порталот на Exim.gov.mk.  Електронските апликации, кои не ја содржеле целосно законската документација за издавање дозвола, ги процесуирал понатаму во постапката, без притоа во забелешката да ги наведе сите документи кои недостигаат.

Другиот обвинет, кој како одговорен државен службеник  од Секторот за отпад при Управата за животна средина, бил должен да провери дали правното лице – апликант ги исполнува пропишаните услови, иако во електронскиот елаборат не била прикачена целосната потребна документација, тој го менувал статусот на електронскот елаборат во статус „прифатено“, како да се исполнети предвидените услови. По ова,од страна на Министертсвото за животна средина и просторно планирање во печатена верзија, се изготвувало Решение за плаќање на надомест за увоз. Потоа, откако правното лице барател на соодветната дозвола ќе ги платело трошоците со кои бил задолжен,  елаборатот добивал статус „наплатено“. Министерот за животна средина електронски ги одобрувал електронските елаборати, со статус „наплатено“ и на правните лица – апликанти во системот им се издавала соодветна електронска дозвола на стоки кои увезуваат – извезуваат под ознака Д4.

Обвинетиот помлад соработник, вработен во Секторот за управување со отпад изготвил, печатена дозволана МЖСПП, за предметот со една штипска фирма на 2 ри јуни 2014 година во Скопје.Обвинетиот советник во Секторот за управување со отпад го контролирал, обвинетата како раководител на Секторот за управување со отпад го одобрила, а обвинетиот диркетор на Управата за животна средина го потпишал Позитивното мислење на Управата за животна средина и просторно планирање (Позитивно мислење бр. 11-4855/3 од 2 ри јуни 2014 година).

Врз основа на Законот за управување со отпад(член 32 )и други позаконски акти, издадена е Дозвола за складирање, преработка и третман на отпад (бр. 11 -4855/4 од 02.06.2014 година) на правното лице,штипската фирма за подружница на КП број 198 КО 53 Софилари,)пштина Штип со важност на дозволата до 2019 година.  Иако спротивно на член 26 од Законот за трговски друштва, ова правно лице воопшто немало отворено подружница  на наведената локација Софилари, како и спротивно на член 3 од Правилникот, локацијата не била вклучена во урбанистичката и планската документација на општина Штип, со што правното лице фирмата од Штип се стекнала со Дозвола за вршење дејност, складирање, третман и преработка на отпад издадена од Министертсвото за животна средина и просторно планирање за локацијата Софилари -Штип со период на важење од 2014 до 2019 година.

На осомничените во овој случај,  Судот им одредил забрана за напуштање на местото на живеење, обврска за повремено јавување во судот и забрана за примање работни обврски поврзани со кривичните дела. За четворица биле издадени наредби за приведување, тогашниот директор на Управата за животна средина, инспекторка во Државниот инспекторат за животна средина и помлад соработник од Управата, а еден бил недостапен на органите на прогонот.

Еден од осудените кој што сакаше да остане анонимен,чиј идентитет е познат на редакцијата,  ни достави пресуда која е донесена две години откако беше изречен казнен налог за обвинетите по налог на ОЈО Скопје. Пресудата е од месец февруари 2017 година, од Основниот суд Скопје 1 Скопје, од страна на судијката Џенета Бектовиќ.

Државните службеници и диркеторот добиваат условно изречени казни за делото„Несовесно работење во службата“ од чл.353-в од Кривичниот законик,со која им се утврдува казна затвор во траење од три месеци и истовремено им определува дека утврдената казна нема да ја извршат доколку обвинетите за временски период од две години по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело и парична казна од 300 до 2.500 евра во денарска противвредност.

Делото „Несовесноработење во службата“, се смета за ризик од корупција на ниво на области, кои хоризонтално се протегат низ јавниот сектор како што е и инспекцискиот надзор и ризик на секторско/ресорско ниво на јавниот систем во кој спаѓа и заштитата на животна средина.

Дел од осудените лицата во овој предмет остануваат да работат на работна позиција во институциите и тоа на позиции каде што ја имаат направена констатираната злоупотреба од судот. Со исклучок на директорот на Управата,  кој е прераспределен во друга институција, На инспекторката од Државниот инспекторат за животна средина и’ е врачен отказ.

Вишиот Управен суд во 2018 година, одлучуваше по жалбата на инспекторката од Државниот инспекторат за животна средина, против Пресудата на Управниот суд (У-3 бр.733/2017 од 25.01.2018 година) за одземање на лиценца за инспектор. На седницата на Советот одржана на 04.06. 2018 година е донесена пресуда, со која жалбата на инспекторката е одбиена како неоснована, а пресудата на Управниот суд се потврдува.Со тоа, инспекторката останува без лиценца.

Од Министертсвото за животна средина ни потврдија дека луѓето на кои им се судеше  злоупотребана службена положба, се редовно вработени и тоа:

Во делот  на Македонски информативен центар за животна средина – позиција: Советник за одржување и водење на катастри за загадувачи со отпад; Сектор за управување со отпад -позиција: Раководител на сектор за управување со отпад; Сектор за соработка со локална самоуправа и управно надзорни работи – позиција: помлад соработник за вршење надзор над акти на ЕЛС од областа на животната средина и Сектор природа – позиција: Помлад соработник за евиденција на заштитени подрачја.

Согласно начелото на самостојност, инспекторот е самостоен при вршењето на инспекцискиот надзор и одлучувањето за дејствијата кои треба да се преземат при вршење на надзорот, како и за мерките кои ќе бидат изречени. Но и од волјата на инспекторот да си ја работи својата работа според протокол, а од таму и произлегува дека самостојноста понекогаш може да биде и злоупотребена и да доведе до случај како овие службеници, кои завршија на суд. До ефективен инспекциски надзор во животната средина и „ловење“ на загадувачите, може да се дојде преку на транспарентноста на работењето на инспекциските служби и поголема вклученост на инспекторите и граѓаните во процесот на носење и измена на легислативата.

Кога се лоцира ризикот од корупција несовесно работење во службата, не изостанува дека постои ризик од корупција и во не извршување на службена должност на инспекторите од животна средина, која во практиката тешко се докажува, но како докази се приложуваат фотографии и видеа од моментот на настанатата еколошка катастрофа, а кривични пријави до непознат сторител.

15 годишното искуство на поранешниот инспектор за комунална хигиена од општина Делчево, Крум Николовски вели дека често се случувало на инспектор да му сугерираат, а со тоа индиректно и да се врши врши притисок од страна на градоначалникот или негови блиски соработници, некаде да „прогледаат низ прсти“, а со тоа самиот инспектор да заклучи дека таму не треба да се превзема соодветни дејствија.

„Има случаи во моето 15 годишно работење каде и инспекторите не постапуваат совесно не дека сите инспектори се добри па многу си ја вршат работата, меѓутоа сето тоа е дел од целокупното наше општество не можеме да бидеме различни едни од други. Постои благ притисок од страна на градоначалниците дека „ај тој е наш да му прогледаме низ прсти“ тоа се случува, а мислам дека ќе се случува и понатаму. Еве ние во Делчево е малечко место и се знаеме меѓусебе, знаеме и кои се згадувачите, знаеме и кои текстилни фабрики горат текстил. Тоа е најчесто во ноќните часови, кога инспекторите се немоќни“, изјави Николвски, кој додава дека притаеното не извршување на работни дејствија ги смета како корупција.

Тој вели дека комуналните инспектори е категорија која е најмалку подмитувана, меѓутоа тоа не е случај со градежните општински инспектори и инспекторите за животна средина, но, тоа е најчесто со збор или неизвршување на работната должност.

Поранешната пратеничка од редовите на зелената партија, Демократска Обнова на Македонија (ДОМ), Лилјана Поповска вели дека Државниот инспекторат за животна средина не се грижи за контрола – надзор и казнување на прекршителите од страна на големите загадувачи.

„Државниот инспекторат ниту ги врши тие редовни контроли, ниту врши вонреден број на контроли, дури и во случај на големи скандали како што имаше истекување во речни сливови на хемикалии, пред некој месец бевме сведоци во Скопје со „Арчелор Митал“, државниот инспектор излезе дури по дојава од градскиот инспекторат на Скопје на чело со Мирослав Богдановски по нивна дојава дури потоа еден ден, два излезе Државниот инспекторат, со образложение дека пред тоа не работеле, било не работен ден или така нешто. Знаете секаде каде што има нешто нелогично и необјасниво, запрашајте се дали нема некој  финансиски интерес, а тоа е корупцијата. Каде што повеќе од сигурна сум дека има таков случај “, изјави Поповска.

Планските контроли на инспекциските надзори, смета Поповска во многу случаи се и корумпирани.

„Наместо да имаат редовни дежурства во три смени, државниот инспкеторат за животна средина како да се на одмор и работат онолку  колку да штиклираат дека направиле плански контроли. Што е пак проблемот со тие плански контроли, постои основано сомнение дека во многу случаи се работи можеби за коруптивни контроли, зошто ? – Кога народот гледа дека еден индустриски капацитет загадува, се снимаат објави, се знае какво гориво горат кое загадува, испушта недозволиви гасови или честички, при тоа оди претставник од државниот инспекторат во таа фабрика, на договорен термин кога фабриката знае однапред, го намалува производството резултатите се совршени, чист воздух, фабриката може понатаму да продолжи да работи и кога ќе си заминат инспекторите да си продолжи со она темпо да загадува како и пред тоа“, изјави Поповска.

Според извештајот на Европската Комисија од минатата година, административниот капацитет на централно и локално ниво во заштита на животната средина останува слаб и недоволен. Соработката со невладиниот сектор е подобрена, но потребни се понатамошни напори со цел ефикасно учество и консултација во процесот на донесување одлуки кога станува збор за животната средина. Потребно е да се подобри спроведувањето на Процесот на проценка на влијание врз животната средина и Директивите за одговорност во животната средина, ИНСПИРЕ и Директивата за еколошки криминал кои уште не се целосно усогласени и имплементирани.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%