Во последните шест месеци пет деца заболеле од рак во Битола. Четири од нив се со тумор на мозокот. Граѓаните вината ја префрлаат на загадениот воздух, која стана една од најжешките политички теми во Битола. Додека граѓаните жестоко протестираат, од Општина Битола ветуваат. Топлификација и гасификација на градот е решенито за проблемот со загадувањето, но не сега, кога заболуваат и деца и стари, туку некогаш, во некои идни времиња.
Граѓаните ги вклучија сирените за аларм во Битола, еден од најзагадените градови во државата, но и Европа. Лекарите од поодамна тоа го направија со бројките на заболени од рак и болести на респираторните органи. Први на удар на отровниот воздух, се децата предупредуват педијатрите.
„Во последните 6 месеци во Битола се дијагностицирани 5 деца со малигни заболувања, и тоа деца од школска возраст. Четири деца со тумори на мозок, а пред некој ден е дијагностицирано и кај дете од 13 години малигно заболување на лимфните јазли“ вели Благица Гроздановска- Темелковска, педијатар во битолската Клиничка болница.
Битолчани кои имаат можност за викендите и празниците да отидат на Пелистер велат дека градот не се гледа од сивите облаци, додека Баба Планина и околните ридови се капат во сонце.
Ветерот и слабиот снег деновиве успееја многу малку да го разбистрат небото над Битола, но не и дилемата каков воздух дишат битолчани и која е најголемата причина за огромното загадување, кое се повторува со години наназад, и кое остава штетни последици врз здравјето на битолчани и пошироко.
Печките на дрва и старите возила се најчестите извори на ситната прашина, но тука е и РЕК-Битола, кој и според Министерството за животна средина е посочен како главен извор на загадувањето во градот.
Според јавно објавени податоци, годишно од оџаците и возилата во Битола се испуштаат околу 37 тони ситна прашина. Годишната граница за зголемени вредности на ситна прашина е 35 дена, а Битола имала дури и над 120 дена со концентрации над дозволени граници.
Жителите во градот под Пелистер често коментираат дека ниту Моликовата шума не може да се справи со отровите во воздухот.
„Проблемите се оди е нечист воздухот во градот. Што дишиме се чувствува се гледа дека магла има. Ужасен е воздухот за нашите деца за Битола се работи, не можеме ни да прошетаме, ни да излеземе. Ние како постари луѓе сакаме рекреација, да одиме во паркот, да прошетаме по нашите убави битолски улици, да прошетаме по Широк сокак, да уживаме, во воздухот во кој уживавме како мали, како млади. За жал тоа веќе го нема. А што со децата наши, до кога и каде? – велат граѓаните.
Отровниот воздух го вклучи алармот за протести кај граѓаните
Од здруженито „За нас се работи“, оваа година решија поради револтот од високото ниво на загадување, да го блокираат патот кој од Битола води кон РЕК-Битола. Тоа го направија во предизборието со директни пораки до политичарите за нивниот индолентен однос кон ова прашање и празните ветувања.
„Ние имаме еден приоритет во моментот, не затоа што ние така сакаме , туку затоа што нивните резултати покажуваат дека тоа е приоритет, а тоа е загадениот воздух и се поголемиот број на смртни случаи во Битола, токму од загадениот воздух и од загадената почва и вода. Да им кажеме дека ако е нивниот приоритет изборот и доаѓањето на власт , нашиот приоритет е чистиот воздух. Всушност решението е најдено само треба некој да има политичка воља и да го примени“-рече Душко Груевски , организатор на протестите против загадувањето.
Режим во сообраќајот во центарот на Битола мерка за намалување на загадувањето
Активистите на блокадите побараа од локалната власт режим на сообраќајот во центарот на градот, а од централната субвенционирање на електричната енергија за Битола.
„Значи на некој начин субвенционирање на електричната енергија поради последиците што ги имаме од РЕК-Битола, како што е примерот со Птолемаида и други околну термоцентрали. Другиот предлог е итно воведување на режим на сообраќај за централно градско подрачје, кога ќе биде најголемата гужва, кога ќе ги палат сите ќумбињата дома, кога фрчат автовбуси, тогаш мора да се регулира сообраќајот во централното градско подраче, за да се намали загадувањето во градот“-порача Иван Чулаковски од „За нас се работи“.
Tоплификација решение за аерозагадувањето
Податоците говорат дека 85 проценти од граѓаните се греат на печки и трошат над 22.000 тони дрва. Со нивно согорување се испуштаат 28 тони ПМ10 честички. Од сообраќајот годишно се емитираат високи 6,7 тони суспендирани честички.
Локалната власт во Битола смета дека проблемот со загадувањето ќе се намали со реализација на ветените прокети за гасификација и топлификација на градот. На јавен собир градоначалникот на Битола, Владимир Талески, рече дека тоа ќе се реализација до крајот на следната година.
„Топлификација на Битола крајно ќе го реши проблемот со загадувањето. Затоа што дефинитивно по сите анализи, по сите спроведени истражувања , воздухот во Битола се загадува од начинот на греење“- вети Талески.
Екологистите , инсистирајќи на итни мерки , се заканија со блокада на вратите на РЕК-Битола. Велат дека европските стандарди за работа на вакви индустриски капацитети мора да се исполнат заради здравјето и идината на градот.
„Блокадата на РЕК значи дека мораме да ги освестиме и граѓаните и надлежните да преземат мерки. Зошто ова е последната мерка што ние како граѓани можеме да ја донесиме“- порача Илија Балтовски, активист за чист воздух.
Ваквите најави не ги оставија рамнодушни надлежните во РЕК-Битола. Преку соопштение се огласија дека најавата за целосна блокада на Рударско-енергетскиот комбинат е опасна авантура што може да предизвика тешки последици по енергетската стабилност на државата“.
Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија.