Даночна неправда ги празни граѓанските џебови

Оваа гарнитура од локална власт на заминување ќе остави релативно среден систем на наплата на данок на имот. Но, овие градоначалници на граѓаните ќе им остават обврска за плаќање на данок, кој е заснован на највисоката законска граница, базиран на нови проценки на имотот, кои донесоа решенија зголемени за неколку пати од тие што претходно ги плаќаа. Она што за локалната власт е вовдеување на даночна дисциплина, за граѓаните е само уште една повисока давачка што мора да се плати.

Првите месеци од владеењето на градоначалникот на Штип, Илчо Захариев на граѓаните им донесоа нова реонизација на градот. Од шест зони, Штип стана град со три градежни зони. При тоа, првата зона на централното подрачје се протега до населба, за која на граѓаните им треба повеќе од половина час пешачење за да стигнат до центар. Навидум, за обичниот граѓанин ништо значајно, но ја зголемува вредноста на имотот, а со тоа и износот што треба да се плати за данок на имот. Основата за повисоките даночни решенија ја направи претходникот на Захариев, Зоран Алексов.  Меѓу првите потези што ги направи Алексов кога дојде на власт, беше да направи нова проценка на вредноста на имотот. Тимови од волонтери, со различна професија, ги поминаа сите објекти во Штип, каде го премеруваа и оценуваа просторот и ја определуваа вредноста на имотот за која граѓаните плаќат данок.

„ Градоначалникот Алексов се одлучи на храбар потег, поточно спроведе проект за утврдување на реалната вредност на недвижниот имот на граѓаните“, напиша Општината на својата интернет страна. Како образложение наведе дека „Штип стана универзитетски град и според податоците од Државниот завод за статистика, во Штип дојде до пораст на цената за квадратен метар станбена површина, поради што неминовно е утврдување на реална основа на оданочување со благо зголемување на годишниот износ за данок на имот“.

Храбриот градоначалнички потег удри по џебот на граѓаните
Овој „храбар градоначалнички потег“, дополнет со реонизацијата на следниот, придонесе годишните решенија на данок на имот на штипјани од 1000 денари да пораснат на близу 4000 денари.

Се’ заедно, на крајот од минатата 2016 година, на општината Штип, како што објави градоначалникот Захариев,  и’ донесе приход од 20 милиони денари.

-Данокот на имот е голема обврска на граѓаните на Штип,  затоа што тие пари се слеваат во буџетот на Општината и претставуваат голема ставка. Ние тие пари индиректно им ги враќаме на граѓаните преку инвестиции во населбите каде живеат, на нивните улици и се’ што градиме во нашиот град е од тие средства. Тоа е обврска. Данокот не е голем, но средствата кои се прибираат на Општината и’ се многу битни дали ќе ги завршиме сите инфраструктурни проекти, рече градоначалникот Захариев.

Општинската опозиција во повеќе прилики истакнуваше дека дискутабилно е како се употребуваат парите што општината ги собира од граѓаните на име данок на имот. Градоначалникот Захариев на една од седниците на Советот соопшти дека речиси  сите пари собрани од данок на имот заминуваат на сметка на фудбалскиот клуб „Брегалница“. Гордоста на Штип одвај се држи на дното на табелата во Првата фудбалска лига и покрај годишното вложување од близу 20 милиони денари. Точно толку колку што Штип прибира годишно од граѓаните на име данок на имот.

Даночна неправда наместо даночна правда
Данокот на имот е еден од четирите даноци кои го собираат општините.  Пресметката на даночната основа, според претседателот на Здружението на финансиски работници Павле Гацов е несоодветна, често на штета на граѓаните и на крај, како што го нарекува е даночна неправда.

Тоа е обврска. Данокот на имот не е голем, но средствата кои се прибираат на Општината и’ се многу битни дали ќе ги завршиме сите инфраструктурни проекти.

Илчо Захариев, градоначалник на Штип

-Даночната основица се пресметува согласно методологијата. Методологогијата е пропишана и објавена во службено гласило, односно во Службен весник и тука бидејќи се работи за проценета вредност, често пати има одредени разлики. Разликите се во контекст на одреден имот што се наоѓа на иста локација, на иста катност, со ист квалитет, иста квадратура итн. Исто така, во пракса се случува да има различна даночна основа, што се разбира, не претставува даночна правда, туку даночна неправда. Треба да биде со таков имот, со еднаков квалитет да има еднакво даночно оптоварување, смета Гацов.

Општините иако имаат ограничени можности дадени од закон, имаат можност да го заштитат интересот на граѓаните кога ја определуваат стапката на данок на имот. Во некои од општините, што е реткост, според изјавите на градоначалниците, граѓаните плаќаат данок  според најниско пропишаната стапка со закон од проценката на вредноста на имотот. Односно 0,1 отсто, додека највисисоката е за стопанството. Меѓутоа, повеќето општини, се определиија за највисокиот износ. Гацов вели граѓаните имаат право да реагираат на износите на данокот определени со решенијата од општините.

  • Законот за даноци на имот зборува за унифицирана даночна стапка. Тука калкулацијата е со даночната основа, претпоставувам, односно вредноста на имотите шти ги поседуваат компаниите, добиваат повисоки вредности за да платат повисок данок. Има можност граѓанинот да реагира, доколку е незадоволен од даночната основа и смета дека е превисока да покани овластен проценувач на недвижност и согласно методологијата да добие вистинска вредност , па ако треба да плати и помалку, советува Гацов.

Нови проценки за потешки даночни решенија

Проценката на имотот ја направија сите општини во државата, со што се овозможи да се запишат реалната вредност на имотот. Општината Кочани има осум проценители, кои  излегоа на терен и ги поминаа имотите на граѓаните. Иако е помал град од Штип, Кочани се определи за пет зони. Градоначалникот Ратко Димитровски вели дека оваа проценка впиша 11.000 даночни обврзници на општината.

-Еден од критериумите е местото на живеење. Имаме зони, кои се одредени од Советот на Општината и врз база на тие зони е и висината на данокот. Меѓутоа, мало е влијанието на зоните. Поголемо влијание има површината и опременоста на објектите според методологијата за проценка на имотот, појасни градоначалникот Димитровски.

Колку навистина овие проценители на терен направија реална проценка? Колку беа остручени волонтерите, кои од умеење имаа само математички познавања на соберат површина? Или пак беа со несоодветна наобразба, а сепак без дел од тимовите за проценка? Граѓанинот може да побара нова проценка, но ќе треба сам да си ја плати.

Во пракса се случува да има различна даночна основа, што се разбира, не претставува даночна правда, туку даночна неправда. Треба да биде со таков имот, со еднаков квалитет да има еднакво даночно оптоварување.
Павле Гацов, претседстел на Здружението на финансиски работници

Добро владеење – а каде се интересите на граѓаните?
Доброто владеење на една локална власт, според експертите, подрабира меѓу другото и водење на сметка за интересите на граѓаните. Надежите за воедначување на вредностите на имотот е во заживувањето на Катастарот на вредностите на недвижностите, што е новина во системот. Граѓаните од општините слушаат за проценти на наплата. Закани со извршители доколку имаат неплатен данок, давачка која не застарува десет години. Но, кога со локалните власти ќе разговарат за реална проценка, држење до најниската основица како потврда за грижата на властите за обичниот граѓанин?

Подготовката на овој материјал беше овозможена со поддршка од Британската амбасада во Македонија, во рамките на проектот Зголемена локална транспарентност и отчетност преку квалитетни медиумски содржини. Мислењата и ставовите во овој материјал не секогаш ги одразуваат  мислењата и ставовите на Британската амбасада во Македонија. 


Продолжи со читањето

Во етер
Наслов
Изведувач

Background