ExYu
Fresh
Cafe
Radio EastGate Mall
Play button

Македонија не е само Скопје

Додека Македонија ита кон ЕУ, узурпираниот јавен простор го заостанува Скопје зад европските метрополи

today11/02/2019 37

Background

Хроничен проблем, но без долгорочно решение. Додека Македонија чека Европската унија да и’ ги отвори вратите, нејзиниот главен град заостанува зад европските метрополи. Јавен простор се’ помалку, ветувања од надлежните се’ повеќе. Додека се чека на нивна реализација, сообраќајната безбедност на граѓаните и понатаму останува загрозена.

Пишува: Вања Мицевска

Урбаната димензија на секојдневието му пркоси на јавниот простор во македонската метропола. Пешачка зона со режим на сообраќај, приватни објекти на јавни површини, тротоари претворени во паркинг – вака изгледа сликата во Скопје која го намалува трпението на граѓаните, во и онака, динамичното современо живеење.

Пренаменетата улога на тротоарите е и главен виновник за тоа што родителите со нивните бебиња во количка се движат по улиците, загрозувајќи ја и својата и безбедноста на децата. Револтот, кој резултираше и со протест пред четири години, ги обедини младите родители во граѓанска иницијатива која тие ја нарекоа „Враќање на количките на тротоарите“. Според нив, ситуацијата е подобрена, но е далеку од задоволителна.

Протести на јавен простор против негова урбанизација и узурпација

Загриженоста на родителите за својата, но и за безбедноста на своите најмили поради интензивното стестување на просторот во кој слободно може да се движат, минатиот месец повторно ги изнесе на јавен протест во централниот дел на главниот град.

Овојпат пред Собранието, тие им порачаа пред сe’ на пратениците дека местото на децата не е на коловозите и потребни се системски решенија за поголема безбедност.

„Во споредните улички на пример владеат автомобилите и се’ уште не се почитува законот, ниту пак се внимава на површините за паркинг околу новите објекти кои се во експанзија, ненорално бргу се гради. Секој метар се одзема од возилата, наместо да им се даде на граѓаните за да чекорат по тротоарите. Поради стравот за безбедноста кон моето дете сакам да иницирам некаква промена. Веќе е доцна, не е крајно време, но ќе спречиме понатамошни убиства по улиците. Местото на децата не е до коловозот за да дишат чад од возилата или да ги спуштиме на коловозите бидејќи тротоарите се зафатени од возила“, вели Борис Каески кој нагласува дека сака да иницира промена токму поради безбедноста на неговиот син.

Движењето по улиците, наместо по тротоарите е секојдневие особено за жителите на Дебар маало, каде во континуитет „никнуваат“ нови угостителски објекти. Проблемот со зголемениот сообраќаен метеж во овој дел на Скопје постојано е предмет на критика на социјалните мрежи, преку кои граѓаните исто така неколкупати досега организираа протести.

Фото: Фејсбук/Во одбрана на Дебар маало

Сепак, Марија Шишовска Трајковска од иницијативата „Во одбрана на Дебар маало“ смета дека резултатите од нив се’ уште не се многу видливи:

„Навикнати сме, секојдневие ни е место на тротоари да се движиме по улиците. Создава нервоза и кај пешаците и возачите, кај велосипедистите, кајмајките со бебиња и лицата со попреченост но таква е ситуацијата. На тротоарите се обележаа паркинг места каде стана поддржано од локалната самоуправа колите да се паркираат по тротоарите и да се одземат како простор по кој треба да се движат граѓаните. Тоа создваа нелагодност и неудобност во движењето“.

Таа додава дека катните гаражи се делумно решение, но сепак проблем е недостигот на простор:

„Не е проблемот парцела како парцела, треба тоа да биде простор каде нормално ќе протекува сообраќајот кој ќе влегува и излегува од катните гаражи. Правевме анализа на ДУП-оти се утврди дека дел од зградите имаат нефункционални подземни паркинзи. Тука и инспекциите мора да работат континуирано за да се види дали тоа што го има на хартија се изведува правилно во пракса. Тие коли што им е одобрено да бидат во подземни гаражи да не бидат на тротоар. Треба да се следат и контролираат повеќе аспекти за да има ред“.

Според Шишовска Трајковска потребни се и законски измени:

„Еден од начините е мораториумот на ДУП-оти за да види правната основа за ревизија на планот, дали е тоа применливо и што може да се направи – кој е начинот за да се подигне квалитетот на живот и поудобно место за живееење. Сакаме отчетност од локалната самоуправа, а не како порано кога ДУП-овите се гласаа навечер. Податоците треба јавно да бидат објавени за да може граѓаните да донесат правилна одлука. Порано и барањата од граѓаните не беа можеби толку гласни, но свесноста кај граѓаните веќе се зголемува и транспарентноста самите граѓани ја бараат. Седниците се јавни таму може секој да присуствува, а пред да се вклучиме во иницијативата не го знаевме тоа. Се објавуваат седниците со дневниот ред, па секој што е заинтересиран може да отиде таму, да слуша, да постави прашање. Градоначалникот ги спроведува, но одлуките ги гласаат советниците“.

Узурпацијата на јавен простор сведок за инклузивноста на општеството

Урбанизацијата на јавниот простор сведочи и за (не)инклузивноста на македонското општество воопшто, кога станува збор за граѓаните со попречености. Како тоа влијае на нивното движење во главниот град, раскажува Елена Кочовска од Здружението „Полио плус“:

„Покрај урбанизмот, експанзијата, мора да сме свесни дека Македонија е многу заглавена во тој милосрден пристап кон заедницата со хендикеп и генерално нигде не може да поминеме. Не се работи само за паркингот, не можете да излезете и да се движите слободно низ ообраќајот. Би ги споменала браќата и сестрите со оштетен слух кои исто се учесници во сообраќајот, но поради ниската свест кај заедницата без хендикеп, некако нити се води сметка нити некој поднесува одговорност зошто сме на овој пат по кој сме тргнале како држава. Лицата со телесен хендикеп и со сензорен хендикеп се соочуваме со сериозни препреки во сообраќајот и движењето по тротоарите, но главен проблем е самата пристапнот и достапност која кај главните чинители не е разбрана како обврска. Тоа е секојдневие за кое на крајот на денот ќе мора да понесат одговорност“.

Поради градежни работи, на дел од улицата „Христо Смирненски“ воопшто нема тротоар

Македонија, додава Кочовска, ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лица со хендикеп, но заостанува во нејзината имплементација:

„Чинителите или не знаат или не сакаат да си ги извршат обврските да кои се платени. Во денешницава е многу тешко да се движите, а да сте лице со хендикеп, што е жално, особено ако зборуваме дека сме во 21 век, а Македонија уште учи како се прават рампи. Има неколку работи кои треба да се направат. Прво треба да се зголемат казните, на што и самиот Комитет и укажува на државата. Тој којшто ќе го узурпира пристапот и нема да обезбеди соодветна пристапност за граѓаните со хендикеп, треба да плати казна. Тоа кај нас не е соодветно регулирано. Другиот момент е за да се почитува нештото, активно вклучување на лицата со хендикеп во извршување на работите на државата, за да немаме недоразбирања директор на Државниот градежен инспекторат треба да си биде лице со хендикеп и така работите ќе се поедностават“.

Мораториум на 31 ДУП во Центар додека се подготвуваат нови планови за справување со проблемот

Узурпацијата на јавниот простор во централниот дел на Скопје наскоро меѓудругото ќе ја контролираат нови сообраќајни решенија. Градоначалникот на најфреквентната општина во Скопје – Центар, Саша Богдановиќ вели дека доколку некој купил стан, но не и паркинг место тоа ќе биде нов проблем. Се очекува кон решавање на проблемот да придонесат и новите детално урбанистички планови кои веќе се подготовка, додека во меѓувреме е ставен мораториум на 31 Детално урбанистички план:

„Имаме во важност мораториум, но правната формулација на мораториумот е неизвршување на плановите, бидејќи плановите имаат одредени маани и недостатоци. Тој мораториум ќе трае се’ додека не се донесат нови планови. Веќе неколку планови ни се во завршна фаза и ќе бидат ставени пред граѓаните, или некои веќе биле ставени пред граѓаните за да може да видат што се предвидува во нивната населба, а потоа ќе бидат на финално усвојување на самиот совет. Тој мораториум се надевам дека ќе се намалува полека. Тој е ставен на 31 ДУП и со секое носење на план кој ќе биде проверен согласно ГУП и законските норми ќе може да го ставиме на седница и да кажеме дека е тргнат од мораториумот, а врз основа на истиот понатаму ќе носиме нови одлуки“.


Општина Центар летово спроведе и акција за отстранување на според локалната власт, нелегално отворени тераси на угостителите. Бизнисмените обвинија за селективна правда, тврдејќи дека работат согласно законот, но Богдановиќ ги отфрла овие тврдења, потенцирајќи дека веќе се донесени вакви нови решенија, само се чека на нивно извршување.

Со реакција со општините излегоа и градежниците кои бараа побргу да им се издаваат одобренијата за градба, зашто доцнењето се одразува на нивната работа. Богдановиќ се согласува дека процедурата за издавање одобренија е сложена, но порачува дека бизнисмените мора да сфатат дека откако тие ќе изградат и ќе си заминат, некој останува да живее таму. Затоа според него, се потребни квалитетни детално урбанистички планови:

„Не верувам дека истото би си го посакале на местото каде што живеат. Ние ја сфаќаме оправданоста дека тоа може да влијае на бизнисот но кога ќе се донесе квалитетен план ним ќе им биде полесно. Утре зградата којашто ќе ја изградат ако некоја друга парцела попречува или нема влез или излез никој нема да го купи тој стан и веќе има такви ситуација. На фирми им било давано да градат во изминатиот период и се доведуваат во ситуација да не може да се реализира улица, зашто не се предвиделе проблемите со кои може да се соочат. Сакаме тие планови да ги донесеме за да имаме квалитетен развој“.

Реакции од бизнис секторот пристигнале и до партијата ДОМ, тврди актуелната претседателка на оваа партија, Маја Морачанин, откако таа и нејзината претходничка, Лилјана Поповска јавно побараа да се измени Законот за урбано и просторно планирање, за да се обезбеди баланс меѓу интересот за градење и потребата за поквалитетно домување.

„Бевме критикувани од бизнис секторот, но сепак за тоа треба да се изјасни стручната фела. Треба да биде регулирано за да не ни се случи градежната ескапнзија која ја доживеавме изминатите години. Знаеме дека во Македонија има преку 3000 станови изградени, а ненаселени. Тоа значи дека сепак таквата експанзија не ги следи потребите на граѓаните, а го деградира и узурпира просторот. Во однос на она што се укажувањата од бизнис секторот – лани четирите најголеми фирми од градежништвото имале профит од 16 милиони евра, што значи дека градежниот сектор не е во загуба. Ние сакаме да се води сметка за проветреност, инфраструктурата, сообраќајната инфраструктура – сето тоа го прави животот квалитетен и има простор да се планира просторот и изградбата на станбени објекти“, додава Морачанин.

Потребата од зеленило камен на сопнување меѓу граѓаните и бизнисот

Изградбата на нова висококатница во Аеродром, го продлабочи критичкиот јавен дискурс во насока на тоа дека се’ повеќе се стеснува јавниот простор на кој би требало да се движат граѓаните во Скопје. Аеродромци излегоа на протест кај Мајчин дом, каде приватен инвеститор планира на зелена површина да „стокми“ деветкатница. Собирот на жителите сепак не вроди со плод, бидејќи градежните работи и понатаму продолжуваат.

Ветувањето на инвеститорот Фатмир Етеми дека тој лично ќе придонесе за подобрување на животната средина во овој дел од општината не ги разубеди граѓаните кои се противат на новата градба.

Има пренаселеност и при самата изградба на зградите долгорочен период што ќе ни штети на нас и за живеење и севкупно. Ние уште пред 2 години се жалевме сите комшии од Аеродром дека тука не е погодно место за зграда.

Ништо не се договоривме, човекот си бара оштета и готово – изјавија дел од аеродромци.

Тие не успеаја да најдат компромис со градоначалникот, Златко Марин според кој, за градбата претходно е издадено правосилно одобрение во согласност со Деталниот урбанистички план и законската регулатива. Во интервју за МИА, тој посочи дека доколку се стопира оваа градба, општината ќе треба да го обесштети инвеститорот, а тоа би значело крах за општинскиот буџет.

Од неговиот кабинет, вината за исцрпените механизми за стопирање ја префрлија кај претходниците од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинија дека тие одлучувале за просторното планирање и дека ситуацијата е наследена, заборавајќи впрочем дека токму ветувањата во предизборниот период дека нема да се трупаат нови згради, ја донесоа оваа локална власт онаму каде што е. Прашањето стигна и на дневен ред на Уставен суд. Судиите пресекоа – ДУП-от е законски и затоа истиот нема да биде ниту преиспитуван ниту поништен.

Зеленилото во овој дел од Аеродром кое ќе биде компензирано со нова зграда е само мал дел од површините уништени на сметка на градежната експанзија. Новиот Закон за урбано зеленило пак, донесен во јануари годинава, предвидува 20 проценти зеленило на секоја градежна парцела, но ќе треба да поминат години за да се почувствуваат придобивките од него – оценува новата претседателка на ДОМ, Морачанин:

„Законот е веќе донесен, па одредбите се важечки. Голем број од општините се повикуваат во планирањето на нивните ДУП-ови на овие законски одредби. Во тек е изработка на правилник. Формирана е работна група во Министерството за животна средина и во тек е самата имплементација. Натаму би следело усогласување со Законот за просторно планирање. Бенефитите не може веднаш да се почувствуваат, но за две три години ќе може да го видиме бенефитот од носењето за овој Законот“.

Узурпираниот простор може да чини и живот

Проблемот со узурпираниот јавен простор не изостанува во останатите делови од Скопје. Непрописно паркираните автомобили поради недостиг на паркинг места се секојдневие и кај Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде сообраќајниот метеж претставува ризик за пациентите кои се транспортираат со возилата на брзата помош, додека вработените доцнат на своите работни места. Министрите се менуваа, ветувањата остануваа нереализирани, па додека се очекува новиот Клинички центар, инфраструктурата на Водњанска и понатаму не соодветствува со динамиката на движење.

Канал 77 се обрати за став до Град Скопје, во врска со тоа новите градби и пренаселеноста се во согласност со Генералниот урбанистички план? Побаравме одговор и за тоа колку се почитува одлуката на Град Скопје, според која јавните површини треба да имаат најмалку два ипол метри проодна површина, но секторот за односи со јавноста во кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов кој во предизборната кампањата се „колнеше“ во транспарентност и отчетност не се одважи да одговори.

Самиот Шилегов пак, во една прилика како домаќин на свои колеги од регионот, беше принуден да се движи по улиците низ „Дебар маало“, бидејќи тротоарите и тогаш беа блокирани од кафеани и автомобили, симболично сведочејќи дека проблемот со узурпираниот јавен простор во главниот град веќе станува хроничен.

 

Текстот е дел од проектот „Македонија не е само Скопје“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Содржината е единствена одговорност на авторите и на грантистот, и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%