ExYu
Fresh
Cafe
Rock
Deep House
Radio EastGate Mall
Play button

Парадокс

Дрвокрадците и шумската мафија беа тема во денешниот „Стадион“: Наместо да ги демотивираат, казните ги стимулираат криминалците (видео)

today09/05/2020 102

Background

Дрвокрадци, шумска мафија, зелена мафија, палење шумски површини, мито и корупција при (не)легална сеча… Од бесправно сечење годишно во Македонија се печалат по најмалку 25 милиони евра. Можна ли е шумска мафија без аминување или ортаклак со институциите или поединци во нив? Колку е тарифата за замижување? Што е тоа двојно маркирање? Како (не) се штитат македонските шуми? Колку пријави, колку пресуди, казни, заплени, колку луѓе се во затвор поради таков криминал? Што работат институциите, што работи шумската полиција, дали е добро екипирана и зошто е толку ниско платена?

На овие прашања денеска се обиде да даде одговор емисијата „Стадион“ на „Канал 77“ заедно со „Парадокс“. Гости беа Марина Малиш – Саздовска, универзитетска професорка и експерт за еколошки криминал, Александар Трендафилов, професор на Шумарскиот факултет, Аница Симонова, раководител на секторот за шумска полиција во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Маре Басова, помошник-директор на ЈП „Национални шуми“ и новинарката Валентина Вурмо. Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската истражувачка сторија на Габриела Додевска „Дивата сеча на шумите – коруптивни зделки за личен профит“.

Во изминатите пет години поднесени се 150 кривични пријави против 264 службени лица, од кои седуммина се полициски службеници, а другите се вработени во шумската полиција, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и во националните паркови. Од јануари до септември лани, пак, од страна на Секторот за шумска полиција биле подесени 107 кривични пријави, донесени биле 484 пресуди од основните судови со кои се изречени казни од околу 374.000 евра, а при самите шумски акции биле одземени 1.800 кубни метри дрва, 39 камиони, 12 трактори и 153 автомобили.

– Темната бројка, таа што се однесува на сторените, а неоткриени кривични дела е поголема од таа на откриените и процесуираните предмети. И за тие што се откриваат судиите изрекуваат многу благи казни. Не се затворски, туку во најголем број случаи се работи за парични или за условни казни. Со тоа, сторителите не се демотивираат, па стануваат рецидивисти, повратници – истакна Марина Малиш Саздовска.

Аница Симонова нагласи дека шумската полиција нема доволно луѓе, доволно возила, радиостаници…

– Уште од формирањето, па се’ до денес шумската полиција не е во целост екипирана. Се надеваме дека со новиот Закон за шумска полиција тоа ќе се промени и оти конечно ќе има доекипирање и опремување со соодветни материјално-техички средства. Шумските полицајци уште од 2007 година немаат задолжено униформи, а просечната плата им е само 18.300 денари – вели Симонова.

Маре Басова истакна дека приоритет за „Национални шуми“ во наредниот период ќе биде пошумувањето, особено на деградираните површини. На прашањето на водителот Столе Наумов – зошто при свои вработени претпријатието користи приватни фирми за сеча, Басова одговори:

– ЈП „Национални шуми“ производството на дрвена маса го извршува со свои работници, сезонски извршители на определено време и со надворешни извршители, односно економски оператори. Околу 25 отсто од реализацијата на производствениот процес се одвива со сопствени вработени, а 75 отсто со надворешни извршители, Претпријатието вака функционира во еден подолг период. Со економските оператори се потпишуваат договори и се следат од нас и од другите надлежни институции.

Професорот Александар Трендафилов потсети дека колку неодговорноста и масовната сеча на дрвја направи штета, а однесе и повеќе човечки животи, во поплавите пред четири години на периферијата на Скопје, кај Стајковци.

– Соголените површини се многу опасни. А ги имаме многу. Ете, во најзагрозениот дел на Водно направивме „Сончев град“. Никој не презема ништо. Тоа е катастрофа. Ако се случи еден интензивен дожд има потенцијално свлечиште над Кисела Вода. Функционираме како држава без одговорност. Нашите партии водат само борба за моќ – се’ во името на народот, а, всушност, на негова штета. Останавме и малку луѓе во оваа специјалност. На факултетот сме само 19. Подмладок одамна нема. Првпат сега добивме пет асистенти – вели Трендафилов.

Објавено од: Viktor Gavrilov

Rate it
0%