Коронавирусот галопира со застрашувачки последици по здравјето и животот на луѓето. Сепак, колку и да потрае овој карантин на неколку милијарди луѓе во светот, еден ден тоа ќе заврши, а научниците сигурно ќе откријат и вакцина против вирусот. Но дали некогаш ќе најдеме вакцина против корупцијата? Ова беше темата на „Стадион“ и „Парадокс“ во денешната двочасновна емисија на „Канал 77“.
Во рамките на емисијата беше емитувана и новинарската истражувачка сторија на Весна Коловска – „Малите машини – голема инвестиција за општините“. Во неа стана збор за половина милион евра потрошени од шест општини преку нивните јавни претпријатија за набавки на машини за чистење улици од велешки „Брако“, компанија на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, купени во периодот 2018/2019 година кога Анѓушев беше во Владата. Набавките се вршени преку компанијата „Сандра-М“ од Кавадарци, која се јавува како продавач на возилата на „Green machines“ на „Брако“. Постигнатите цени се од 38.000 до 88.000 евра, во зависност од големината на машините и нивната моќност. Какарктеристично е што во сите шест набавки, има само една понуда, и тоа на кавадаречката компанија „Сандра-М“.
– „Брако“ беше пропадната фирма, а, благодарение на Анѓушев и неговите колеги, стана реномиарана компанија и во странство и тоа со софистицирани производи, иако ние во Македонија не можеме да се пофалиме ни со производство на телевизори. Треба да сме горди што имаме таква фирма, Поради тоа, мислам дека треба да бидеме внимателни во критиките. Не треба секогаш да се вперува прст во јавните набавки. Секако, треба да обезбедиме во постапките да не се остава простор за сомнеж некој тендер да е наместен – истакна Коцевски.
На прашањето на водителот на емисијата Столе Наумов – дали на огласот треба и да се „нацрта“ како треба да изгледа машината што се бара, Коцевски рече дека со закон е забрането детализирање во описот на јавната набавка за да асоцира на определен производ и производител, а доколку такво нешто се случи, јавната набавка треба да биде поништена.
Во емисијата телефонски се вклучи и Илија Атанасов, директор на „Брако, кој нагласи дека таквите машини што ги прави „Брако“ се произведуваат во повеќе земји и цели флоти такви машини ги чистат и главните градови на развиените земји. Истакна и оти додека Анѓушев бил во Владата, директно не учествувале на тендери ниту имале екслузивен застапник за Македонија. Било која фирма да им се обратела за продажба на машините што тие ги произведуваат, ќе ги добиела.
Членот на Антикорупциската комисија Нури Бајрами рече дека Македонија треба да отстрани многу аномалии за да почне вистинска борба со корупцијата.
– Секогаш, со многу мали исклучоци, при секоја смена на власт, било локална или државна, институциите се претрупуваат со партиски активисти, со непроверени луѓе, се натрупуваат со вработени кои не поминале никаква со закон предвидена постапка… На пример, наместо градоначлникот, Советот и секретарот, кај нас во практиката со општините управуваат партиски тимови – истакна Бајрами.
Миша Поповиќ од “Социетас цивитис“ рече дека вакцина против корупцијата никогаш нема да видиме, меѓутоа на долг рок полека ќе се создава простор корупцијата во Македонија да се сведе на инцидентни случаи.
Објавено од: Viktor Gavrilov
Канал 77 корупција Парадокс Радиовизија Стадион